Проектот за кривична правда за Западен Балкан – WBCJ – започна денес со почетна конференција на која присуствуваа претставници на високо ниво од регионалните партнери и неколку институции на ЕУ. Финансирана од Европската комисија и имплементирана од Eurojust, иницијативата има за цел да ја зајакне судската соработка во рамките на Западен Балкан, како и меѓу регионот и ЕУ во борбата против организираниот криминал и тероризмот. Учесници се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Денешната почетна конференција го означи крајот на подготвителната фаза и официјалниот почеток на оперативните активности на Проектот. На конференцијата присуствуваа делегации на партнерите од Западен Балкан, како и претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување и Генералниот директорат за правда и потрошувачи и шведското претседателство со Советот на Европската Унија. Во своите поздравни зборови, претседателот на Eurojust Ладислав Хамран изјави:
„Како што меѓународната димензија на организираниот криминал продолжува да расте, важно е обвинителствата да воспостават партнерства преку границите. Со овој проект, Eurojust ќе понуди важни делови од пакетот алатки на ЕУ за прекугранична судска соработка, како што се знаењето и средствата за формирање заеднички истражни тимови, на обвинителите и судиите низ Западен Балкан. Борбата за владеење на правото и против организираниот криминал е заедничка и со нетрпение ги очекуваме оперативните резултати што ќе следат.“
Проектот WBCJ (целосен наслов: Унапредување на прекуграничната соработка во кривичната правда во Западен Балкан) е проект IPA III со буџет од 6 милиони евра и времетраење од четири години (со можно продолжување). Се работи за контакт-група на практичари од регионот на Западен Балкан кои се одговорни за идентификување на заеднички случаи кои би имале корист од засилената координација. Овие избрани случаи добиваат финансиска поддршка и стручни совети од Eurojust за да се помогне со координираните паралелни истраги/гонења и заедничките истражни тимови. Подготвителната фаза започна во септември 2022 година со голем број консултативни посети на високо ниво од страна на Претседателството на Eurojust со шесте партнери од Западен Балкан, формирање на проектниот тим на Eurojust и на контакт-групата и усвојување на првиот работен план.
Преку проектот WBCJ, Eurojust се стреми понатаму да соработува со своите партнери од Западен Балкан и да ги приближи алатките за судска соработка на ЕУ до практичарите во регионот, како и да изгради доверба меѓу релевантните судски актери.
Повеќе информации за проектот WBCJ и неговата имплементација можат да се најдат во овој проспект.
* Оваа ознака не е во спротивност со позициите за статусот и е во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и мислењето на МСП за Декларацијата за независност на Косово.